Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје подготви предлог-драфт на Етички кодекс за етичка и одговорна употреба на вештачката интелигенција во наставата, учењето и научно-истражувачката работа на Филозофскиот факултет.
Документот е замислен како основа за поширока академска, институционална и јавна дискусија за тоа како вештачката интелигенција може да се користи во високото образование на начин што ја унапредува наставата и истражувањето, но истовремено ги штити академската чесност, критичкото мислење, приватноста, недискриминацијата, родовата еднаквост и јавниот интерес.
Предлог-драфтот поаѓа од фактот дека вештачката интелигенција веќе е дел од секојдневниот академски живот. Студентите ја користат за ориентација во поими, јазична помош, структурирање идеи и самопроверка на знаењето. Наставниците ја користат за подготовка на наставни материјали, анализа на содржини и поттикнување дискусија. Истражувачите ја користат за организација на информации, обработка на текстови и анализа на податоци. Затоа, прашањето повеќе не е дали вештачката интелигенција ќе биде присутна во академскиот простор, туку како таа да се користи одговорно, транспарентно и критички.
Основната порака на предложениот кодекс е дека вештачката интелигенција може да биде корисна алатка, но не може и не смее да ја замени човечката мисла, академската одговорност, самостојниот интелектуален придонес и моралното расудување. Кодексот ја поставува ВИ како поддршка во наставата, учењето и истражувањето, а не како замена за знаењето, анализата и критичката интерпретација.
Особено значајно е што предлог-драфтот не ја третира вештачката интелигенција како неутрална техничка алатка. Напротив, документот укажува дека ВИ системите можат да репродуцираат пристрасности, стереотипи и нееднаквости, вклучително родови, социјални, културни, етнички и други форми на дискриминација. Токму затоа, Институтот за родови студии ја нагласува потребата од критичка и одговорна употреба на овие технологии, особено кога се создаваат наставни материјали, јавни содржини или научно-истражувачки публикации со поширок општествен дофат.
Предлог-кодексот предвидува дека употребата на вештачка интелигенција треба да биде транспарентна секогаш кога таа има значајна улога во создавањето наставни, студентски, истражувачки или јавни содржини. Тоа значи дека кога ВИ се користи за генерирање делови од текст, предлагање структура, анализа на податоци, обработка на интервјуа или формулирање аргументи, таквата употреба треба јасно да се наведе. Од друга страна, рутинската употреба, како правописна и граматичка проверка или превод на поединечни зборови и изрази, не мора да се наведува, освен ако наставникот, предметната програма или уредничките стандарди не бараат поинаку.
Документот посебно внимание посветува и на студентската употреба на вештачката интелигенција. Студентите можат да ја користат ВИ како поддршка во процесот на учење, но таа не смее да го замени самостојното мислење, аналитичката работа и личниот академски придонес. Предлог-кодексот истовремено инсистира наставниците јасно да ги информираат студентите за дозволената и недозволената употреба на ВИ во рамки на конкретниот предмет, особено пред изработка на позначајни задачи. На тој начин се избегнуваат нејаснотии, произволни толкувања и неправедно третирање на студентите.
Во научно-истражувачката работа, предлог-драфтот дозволува употреба на ВИ како поддршка за анализа на податоци, обработка на текстови и организација на информации, но јасно утврдува дека одговорноста за научната валидност, интерпретацијата, оригиналноста и точноста на резултатите останува кај истражувачот. Забранета е употреба на ВИ за фабрикување, манипулирање или прикривање научни податоци, резултати или извори.
Еден од поважните аспекти на документот е заштитата на личните, чувствителните, доверливите и необјавените податоци. Предлог-кодексот предупредува дека вакви податоци не смеат да се внесуваат во системи на вештачка интелигенција без соодветна правна и институционална основа. Ова е особено важно за истражувања што вклучуваат интервјуа, анкети, фокус-групи, теренски материјали, докторски тези во подготовка, необјавени ракописи или други материјали со висока чувствителност.
Предлог-драфтот отвора и прашање што често останува занемарено во јавните дебати за вештачката интелигенција: јазичниот суверенитет. Во документот се нагласува дека академски, наставни и истражувачки содржини на македонски јазик, внесени во комерцијални ВИ системи, можат да станат дел од процесите на обработка и обука на тие системи, согласно условите на давателите на услугите. Затоа се препорачува внимателност, особено при работа со необјавени и чувствителни материјали, како и следење на можностите за користење локални или институционално контролирани решенија.
Со овој предлог-драфт, Институтот за родови студии сака да поттикне поширока расправа за тоа како академската заедница треба да одговори на брзите технолошки промени. Намерата не е да се забрани употребата на вештачката интелигенција, туку да се воспостави јасна етичка рамка што ќе овозможи нејзина корисна, правична, транспарентна и академски одговорна примена.
Кодексот е предложен како отворен документ, подложен на дискусија, дополнување и натамошно усогласување со универзитетските политики, законските прописи и потребите на академската заедница. Во таа смисла, Институтот за родови студии го поканува наставно-научниот кадар, студентите, истражувачите, административниот персонал и пошироката заинтересирана јавност да се вклучат во расправата, да дадат свои забелешки и да придонесат кон создавање заедничка култура на одговорна употреба на вештачката интелигенција.
ЕТИЧКИ КОДЕКС за етичка и одговорна употреба на вештачката интелигенција
во наставата, учењето и научно-истражувачката работа на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје
I. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Член 1
Со овој Етички кодекс се утврдуваат основните начела, правила и одговорности за употреба на вештачката интелигенција во наставата, учењето и научно-истражувачката работа на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Овој кодекс има за цел да обезбеди етичка, транспарентна и академски одговорна примена на вештачката интелигенција, во согласност со вредностите на академската заедница, човековите права и јавниот интерес.
Член 2
Етичкиот кодекс е усогласен со Етичкиот кодекс и со Декларацијата за етичка и одговорна употреба на вештачката интелигенција на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и претставува нивна факултетска спецификација.
Одредбите на овој кодекс се применуваат доколку не се во спротивност со повисоките универзитетски и законски акти.
II. ПРЕДМЕТ И ОПФАТ
Член 3
Овој кодекс се применува на наставно-научниот кадар, соработниците, студентите, истражувачите и административниот персонал на Филозофскиот факултет, како и на сите лица вклучени во наставни и истражувачки активности на Факултетот.
Кодексот се однесува на употребата на сите системи на вештачка интелигенција, вклучително и генеративни модели, автоматизирани системи за анализа, препорака и создавање содржина.
Член 3-а
За потребите на овој кодекс:
Вештачка интелигенција, односно ВИ, означува компјутерски системи или апликации кои создаваат, анализираат, класифицираат, препорачуваат, преведуваат или обработуваат содржини врз основа на податоци, алгоритми или модели.
Генеративна ВИ значи системи кои создаваат нова содржина, како текст, слики, аудио, видео, код, резимеа, анализи, наставни или истражувачки материјали.
Значајна употреба на ВИ означува употреба која суштински влијае врз содржината, структурата, анализата, аргументацијата, методологијата или заклучоците на трудот или материјалот. Таква употреба е, на пример, генерирање делови од текст, предлагање структура, анализа на податоци, обработка на интервјуа или формулирање аргументи.
Рутинска употреба на ВИ значи ограничена техничка или јазична помош која не влијае суштински врз содржината, аргументацијата или заклучоците, како правописна и граматичка проверка, техничко форматирање или превод на поединечни зборови и изрази.
Чувствителни податоци означува лични, доверливи, необјавени или истражувачки податоци, вклучително интервјуа, анкети, фокус-групи, теренски материјали и податоци што можат да идентификуваат лица или групи.
Академски придонес значи самостојна интелектуална работа изразена преку критичко читање, анализа, интерпретација, аргументација, методолошка одлука и заклучување.
Широка дисеминација означува објавување или споделување содржини надвор од непосредниот наставен или интерен работен контекст, како научни трудови, јавни објави, наставни материјали со трајна употреба, извештаи и интернет-содржини.
Кога постои сомнеж дали употребата е значајна или рутинска, се препорачува таа да се наведе.
III. ОСНОВНИ ЕТИЧКИ НАЧЕЛА
Член 4
Употребата на вештачката интелигенција се заснова на начелата на почитување на човековото достоинство, академската слобода, академската чесност и професионалната одговорност.
Системите на ВИ не се неутрални алатки и нивната употреба бара критичка рефлексија.
Вештачката интелигенција се користи како поддршка која не ја заменува човечката мисла, критичкото расудување и моралната одговорност.
Член 5
Употребата на вештачката интелигенција мора да биде правична и недискриминаторска.
Не е дозволена употреба на вештачка интелигенција која директно или индиректно создава или продлабочува родова, социјална, културна, етничка или друга форма на нееднаквост.
Содржините создадени со вештачка интелигенција наменети за широка дисеминација — наставни материјали со траен дофат, јавни објави и истражувачки публикации — подлежат на проверка за пристрасни и стереотипни претстави пред објавувањето.
Надлежното факултетско тело од член 18 прима пријави за повреди на ова начело и ги координира методолошките упатства за идентификација на пристрасни излези, во соработка со Институтот за родови студии и другите институти со релевантна експертиза.
IV. ТРАНСПАРЕНТНОСТ И ОДГОВОРНОСТ
Член 6
Секој корисник на вештачка интелигенција е одговорен за содржината, резултатите и последиците од нејзината употреба. Корисникот треба да биде свесен дека системите на вештачка интелигенција можат да генерираат содржини што изгледаат веродостојно, но содржат неточни тврдења или измислени извори, и одговорноста за нивна проверка останува кај него.
Вештачката интелигенција не може да биде носител на академска, научна или етичка одговорност.
Член 7
Кога вештачката интелигенција има значајна улога во создавање на наставни, истражувачки или јавни содржини, нејзината употреба мора да биде јасно и соодветно наведена.
Под јасно и соодветно наведување се смета: во научни трудови — наведување на користениот систем, верзијата доколку е достапна, и природата на употребата (јазична редакција, помош при структурирање, анализа на податоци и слично); во наставни материјали — кратка ознака за тоа дали и како вештачката интелигенција е користена; во студентски работи — наведување согласно правилата на конкретниот предмет.
Не се бара наведување за рутинска употреба на правописни и граматички проверувачи, ниту за машински превод на одделни поими, освен ако наставникот или уредничкиот стандард на публикувањето бараат поинаку.
Транспарентноста претставува предуслов за зачувување на довербата во наставниот и научно-истражувачкиот процес.
V. УПОТРЕБА НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО НАСТАВАТА
Член 8
Во наставниот процес, вештачката интелигенција може да се користи како дидактичка поддршка за појаснување на поими, анализа на содржини, подготовка на наставни материјали и поттикнување критичка дискусија.
Наставникот останува главен носител на наставниот процес и ја има целосната педагошка и етичка одговорност за нејзината употреба.
Член 9
Наставниците се должни јасно да ги информираат студентите за дозволената и недозволената употреба на вештачката интелигенција во рамки на конкретниот предмет, по правило на почетокот на семестарот и пред секоја позначајна задача.
Правилата за употреба мора да бидат усогласени со целите на наставата и начелата на академската чесност.
Институтите најмалку еднаш годишно одржуваат колегиум посветен на педагошките импликации од употребата на вештачката интелигенција, со цел разменување искуства и развивање заеднички препораки за тоа што во конкретната дисциплина претставува самостојно знаење и самостоен академски придонес, без да се ограничи педагошката слобода на поединечниот наставник.
VI. УПОТРЕБА НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО УЧЕЊЕТО
Член 10
Студентите можат да користат вештачка интелигенција како поддршка во процесот на учење, особено за ориентација во поими, јазична корекција, структурирање идеи и самопроверка на знаењето.
Употребата на вештачка интелигенција не смее да го замени самостојното мислење, аналитичката работа и личниот академски придонес.
Член 11
Недозволена е употреба на вештачка интелигенција за целосно извршување на задачи и обврски кои се наменети за проверка на самостојното знаење и вештини на студентот, освен ако тоа не е изрично дозволено од наставникот.
Студентот има право на јасна информација за дозволената и недозволената употреба согласно член 9. Кога правилата не се претходно соопштени, користењето на вештачка интелигенција од страна на студентот не може автоматски да се третира како повреда на академската чесност, освен ако се работи за очигледна повреда на општите начела од овој кодекс.
VII. УПОТРЕБА НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ВО НАУЧНО-ИСТРАЖУВАЧКАТА РАБОТА
Член 12
Во научно-истражувачката работа, вештачката интелигенција може да се користи како поддршка за анализа на податоци, обработка на текстови и организација на информации.
Одговорноста за научната валидност, интерпретацијата и оригиналноста на резултатите останува кај истражувачот.
Член 13
Забранета е употреба на вештачка интелигенција за фабрикување, манипулирање или прикривање на научни податоци, резултати или извори.
VIII. ЗАШТИТА НА ПОДАТОЦИ, ПРИВАТНОСТ И ЈАЗИЧЕН СУВЕРЕНИТЕТ
Член 14
При користење на вештачка интелигенција мора строго да се почитуваат прописите за заштита на лични податоци и доверливи информации.
Не е дозволено внесување на чувствителни, необјавени или доверливи податоци во системи на вештачка интелигенција без соодветна правна и институционална основа.
Член 15
При употребата на комерцијални системи на вештачка интелигенција, наставниот, научниот и административниот кадар се поттикнува да биде свесен дека текстови, истражувачки материјали и наставни содржини на македонски јазик внесени во такви системи можат да станат дел од нивните процеси на обработка и обука, под условите на соодветните даватели на услуги.
За работа со необјавени истражувачки податоци, докторски тези во подготовка и слични материјали со висока чувствителност, се препорачува користење на локални или институционално одобрени системи, наместо отворени комерцијални платформи.
Факултетот го следи развојот на отворени и институционално контролирани решенија за вештачка интелигенција, особено оние што го поддржуваат македонскиот јазик, и информира за алтернативи кога такви се достапни.
IX. ИНСТИТУЦИОНАЛНА КООРДИНАЦИЈА, РЕСУРСИ И РАЗВОЈ НА КАПАЦИТЕТИ
Член 16
Филозофскиот факултет може да утврди официјални институционални ресурси и платформи за вештачка интелигенција за настава, учење и истражување.
Утврдувањето на официјални ресурси не подразбира исклучивост. Наставниците и истражувачите задржуваат право, во рамки на својата академска слобода, да користат и други системи на вештачка интелигенција што ги сметаат за соодветни за конкретната наставна или истражувачка цел, под услов да се почитуваат останатите одредби од овој кодекс.
Употребата на алатки надвор од официјалните ресурси во рамки на наставата подлежи на пријавување до надлежните факултетски органи, согласно интерните процедури. Пријавувањето има информативен, а не одобрителен карактер.
Член 17
Факултетот обезбедува континуирани обуки за наставниот, научниот и административниот кадар за етичка, методолошки соодветна и критички свесна употреба на системите на вештачка интелигенција.
Институтот за родови студии, во соработка со останатите институти, може да предложи модули за обука посветени на родовите и социјалните импликации од вештачката интелигенција.
Член 18
За следење на примената на овој кодекс, Факултетот може да формира работно тело или да определи постоечко тело со таа надлежност, кое најмалку еднаш годишно изготвува краток извештај за искуствата, проблемите и предлозите за измена на кодексот.
Извештајот се разгледува на седница на надлежниот факултетски орган и е достапен на интернет-страницата на Факултетот.
X. ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 19
Овој Етички кодекс претставува рамковен акт кој служи како основа за понатамошно уредување и развој на практиките поврзани со вештачката интелигенција на Филозофскиот факултет.
Со оглед на брзината на развој на технологиите на вештачка интелигенција, кодексот задолжително се преразгледува најмалку еднаш на секои две години, врз основа на извештајот од член 18 и собраните искуства.
Кодексот се применува од денот на неговото донесување.


